Вие ја читате Книгата I
Образование за демократија

1. Трите димензии на ОДГ/ОЧП

Во образованието за демократско граѓанство и човекови права (ОДГ / ОЧП) во прва линија се работи за она што би требало учениците да го умеат, а помалку за тоа што би требало наставниците да ги научат. Трите основни принципи и главни димензии на овие приоди центрирани кон учениците, компетенциите и резултатите се илустрирани како што следи:

  • Слободата на изразување на мислењето е основен предуслов за демократско учество и суштинско граѓанско и политичко право. Во ОДГ/ОЧП учениците ја познаваат, разбираат и признаваат слободата на изразување на мислењето; тие притоа знаат како ова право е заштитено преку Уставот на нивната земја. Ова е когнитивната димензија (знаење, концепти и разбирање).
  • Во контекст на ОДГ/ОЧП учениците учат како да го искористат слободното изразување на мислењето од основните човекови права. И бидејќи активната употреба на ова право игра централна улога за учеството во едно демократско општество, се подразбира дека учениците се охрабруваат да ги изразат и анализираат нивните мислења. Тие учат да ги манифестираат нивните мислења на различни начини, меѓудругото исто и во полујавни или целосно јавни расправи (димензија на учењето базирана на вештини).
  • За да можат учениците вистински да го искористат нивното право на слободно изразување на мислата, тие мора да се охрабрат да ги изразат своите мислења и тогаш кога мнозинството има поинакво мислење. Но тие исто така мора да научат да се соочат со изразувањето на мислењето на другите со толеранција и личен респект. Со тоа што ќе се ограничи контроверзноста на предметните аспекти и различностите на мислењата нема да се поместат на лично рамниште, конфликтите можат да се решаваат со мирољубиви средства (димензија базирана на ставови и вредности).

Се подразбира дека овие три основни принципи на димензии не се однесуваат само на наставата во ОДГ/ОЧП туку исто така и на образованието во поширока смисла. Релевантното и збогатувачко учење постојано ги зема предвид трите меѓусебно поддржувачки димензии а) знаење, концепти и разбирање, б) вештини, в) ставови и вредности. Ова разбирање за учењето од пред неколку децении се набљудува како стандард од страна на образовните експерти и наставниците.

Доколку сега учениците учат на овој начин, што мора наставниците во ОДГ/ОДП да направат за да понудат соодветни можности за учење? Еве еден првичен краток одговор:

Образованието за демократско граѓанство и човекови права мора да се ориентира на целта (и да понуди соодветни сценарија за учење!), да ги претвори учениците во млади граѓани,

  • кои ги познаваат нивните човекови права и кои разбрале од кои услови зависат овие права (познавање и разбирање на човековите права – учење „за“ демократијата и човековите права; спореди вовед, поглавје 2.1);
  • кои го доживеале училиштето како микро-општество, кое ги почитува слободите и рамноправноста на учениците и кои научиле да ги користат нивните човекови права и да ги почитуваат човековите права на другите (разбирање на демократијата и човековите права како нормативни начела во училишниот живот и во секојдневието – учење „преку“ демократијата и човековите права; спореди вовед, поглавје 2.2)
  • и оние кои следствено на тоа можат да ги бараат и компетентно и самоуверено да ги практикуваат нивните човекови права и да се однесуваат зрело и одговорно кон  другите луѓе и кон општеството (Восприемање на демократијата и човековите права како права на учество – учење „за“ демократијата и човековите права; спореди вовед, поглавје 2.3).

1.1 Когнитивната димензија на ОДГ/ОЧП: познавање и разбирање на демократијата и човековите права

Во средното образование – за да се наведи еден пример – учениците мора да се соочат со клучните документи, како Универзалната декларација на човековите права (УДЧП) и со Конвенцијата за заштита на човековите права и универзалните слободи. Тие мора да знаат дека секое лице има право на слобода на мислење, на слободно изразување на мислењето и слободен пристап до информации во нецензурирани медиуми; Практикувањето на овие слободи може да биде ограничено само од добри причини и под одредени околности (спореди член 10 од Конвенцијата). Уставот и правните рамковни услови би требало да ги одразуваат и штитат овие норми на човековите права. При што учениците преку соочувањето со овој аспект ќе искусат колку овие човекови права се важни и неопходни за демократијата.

Понатаму учениците би требало да го познаваат членот 14 од Конвенцијата, кој се однесува на основниот принцип на рамноправноста и на забраната за дискриминација: жени и мажи, сиромашни и богати, млади и стари, домашни и емигранти, на сите ним им припаѓаат овие права. Обезбедувањето на овие права е континуиран процес кој во демократските системи на владеење базирани на човековите права има постојано место во политичката агенда.

И на крајот учениците мора да разбираат зошто слободите бараат правна рамка и се поврзани со должности. (УДЧП, член 29). Правото на слободно изразување на мислата им дозволува на граѓаните во плуралистичкото општество да ги застапуваат нивните сопствени интереси, што во компетитивно опкружување неизбежно создава победници и губитници. Уставот и законодавството мора да се погрижат за рамковни услови кои ќе ги ограничат слободите на силните и ќе ги заштитат слабите – без да ги легализираат разликите. Но бидејќи секој проблем не може да се реши со закони и правила, во општеството е потребно и чувство за одговорност кон другите луѓе.

Човековите права градат една рамковна рамка, но и нормативна рамка. Затоа учениците мора да умеат да препознаат во која мерка вистински се живеат принципите на човековите права, како внатре во училишната заедница, така и во општеството.

Европска конвенција за човекови права (4.11.1950)
Член 10
Слобода на изразување

(1) Секој има право на слобода на изразување. Ова право ја вклучува слободата на сопствено мислење и примање и пренесување на информации или идеи без било какво мешање на јавната власт и без оглед на државните граници. Овој член не ги спречува државите да доделуваат лиценци за работа на претпријатијата за радиодифузија, телевизиски пренос и кината.

(2) Остварувањето на овие слободи, бидејќи со себе носи и одговорност, може да се подложи на формалности, услови, рестрикции или казни определени со закон и неопходни во едно демократско општество, во интерес на националната безбедност, територијалниот интегритет или јавната сигурност, за заштита од немири или кривично дело, на здравјето или моралот, репутацијата или правата на другите, за заштита од откривање на доверливи информации или за одржување на авторитетот и непристраноста на правосудството.

Член 14
Забрана на дискриминација

Уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, ќе се обезбеди на сите без дискриминација, без оглед на пол, раса, боја на кожа, јазик, религија, политичко или друго уверување, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, сопственост, род или друг статус.

Универзална декларација  за човековите права (10.12.1948)
Член 29

1. Секој човек има должности кон заедницата во која единствено е возможен слободниот и целосен развој на неговата личност.

2. При користењето на своите права и слободи, секој човек ќе подлежи само на такви ограничувања, какви што се определени со закон, со единствена цел да се осигура должното признавање и почитување на правата и слободите на другите и со цел да се задоволат предметните барања во врска со моралот, јавниот ред и општата благостојба во едно демократско општество.

Сите три члена го осветлуваат односот на тензија помеѓу индивидуалните слободи и неопходноста слободите на поединецот да се стават во правна рамка, која овие слободи и ќе ги ограничува и ќе ги заштитува.

Учениците кои можат да ја објаснат оваа фактичка состојба научиле многу за демократијата и човековите права, тоа е когнитивната димензија на ОДГ/ОЧП.


1.2 Партиципативната димензија на ОДГ/ОЧП: согледување на демократијата и човековите права како партиципаторски права

За да можат да учествуваат во демократијата, учениците би требало да научат како можат да ги согледаат нивните права и слободи – на пример правото на слободен пристап до информации и правото на слобода на мислење, слобода на говор и слобода на изразување на мислењето. Но тие исто така треба да стекнат и практични искуства како да се интерагираат со останатите – како да се застапуваат сопствените желби, како да се направи компромис или да се постигне согласност за дефиниција за „општата благосостојба“. Притоа би требало да се придржуваат на одредени правила и да ги прифаќаат ограничувањата кои можат да им наметнат такви правила. Натаму би требало да имаат развиено чувство за одговорност за доброто на другите луѓе и за заедничкото добро како целина.

Учениците не треба само да ги разберат последиците и врската помеѓу трите горе наведени членови за човековите права, туку и да ги ценат вредностите и соодветно да делуваат. За да може тоа да се направи во рамките на демократските процеси за изнаоѓање на решенија  – без притоа да се повредуваат човековите права – тие исто така мора да се способни да ги одмерат нивните сопствени интереси и интересите на другите и на заедницата.

Учениците кои на овој начин се школуваат, научиле како се учествува во демократијата. Ова е димензијатата на ОДГ/ОЧП ориентирана кон делувањето – согледување на демократијата и човековите права како права за учество, со внимание кон поттикнувањето и заштитата на конституционалноста на демократијата и човековите права.


1.3 Културната димензија на ОДГ/ОЧП: разбирање на демократијата и човековите права како нормативни начела во училишниот живот и во секојдневието

Знаењето и умеењето можат под одредени околности на едно лице навистина да му овозможат учество во демократијата, но од него уште долго нема да направат човек кој делува демократски. Може да се замисли дека ова знаење може да биде злоупотребено од расистите за да се нападне едно општество базирано на човекови права. Знаењето и умеењето кое не е базирано на вредностите на човековите права во оваа смисла е буквално безвредно. Од таа причина ОДГ/ОЧП содржи исто и културна димензија. Културата на поучување и учење мора од нејзина страна да биде обликувана од пораката за ОДГ/ОЧП.

Кога учениците усвојуваат знаење преку инструкции (преку предавање или преку лектира) и компетенции преку тренинг (демонстрација, вежби, тренирање) тие низ ова искуство постојано развиваат вредности и ставови. Младите луѓе на пример го формираат чувството за сопствена вредност, кога тие се охрабруваат и зајакнуваат од родителите и наставниците. Само од учениците, кои од нивните наставници се третирани со респект, може да се очекува дека исто и тие кон нивните врсници ќе се однесуваат со почит. Вредностите на човековите права во процесот на социјализација се посредуваат и се стекнуваат во училиштето – доколку демократијата и човековите права служат како начела на поучувањето.

Вредностите на човековите права се утврдени од Обединетите Нации, од Советот на Европа и од други организации и ги опфаќаат принципите на рамноправност и недискриминација, на партиципација и вклучување како и на одговорност т.е. должноста за одговорност.

Додека во наставата „за“ демократијата и човековите права може да се дискутира за специфични теми (од социјалните науки, историјата или науката за државите) културната димензија на ОДГ/ОЧП ја става – наставата „преку“ демократијата и човековите права – целото училиште пред предизвик. Дотолку што демократијата и човековите права постојано се педагошки начела и мора да функционираат како призма низ која ќе се оценуваат сите елементи на училишниот процес.