Вие ја читате Книгата I
Образование за демократија

2. Задача и клучни прашања за разбирање на политиката


2.1 Задача на наставникот по ОДГ/ОЧП

Не само во образованието за демократско граѓанство и човекови права, туку и во сите ситуации на поучување и учење учениците најдобро ја сфаќаат комплексната материја врз основа на добро избрани примери. Овој принцип важи и во актуелните материјали за наставата по ОДГ/ОЧП за примарниот степен и долниот и горниот секундарен степен (книги II – V) кои во секоја наставна тема посочуваат различни можни пристапи. Освен тоа во овие наставни средства се предочува дека таквите примери можат да потекнуваат од училишното опкружување или од поголеми политички контексти и процеси на одлучување. Односниот избор на пример зависи од возраста на учениците, од понудата на материјалот кој е расположлив или е изработен од самите деца и од посакуваниот успех на учење.

Соодветните примери се делат вообичаено во две категории: 1.) такви кај кои се работи за анализа на политички проблем или фактичко прашање и 2.) такви кај кои анализата на политичкиот процес на одлучување се наоѓа во центарот. Наставникот мора да одлучи кои примери каде и кога се соодветни и потоа да разјасни кој материјал е расположлив или мора да се набави.

Во образованието за демократско граѓанство и човекови права задачата на наставникот се состои од тоа при планирањето на една наставна секвенца на тема политика да ги поврзи еден со друг следните елементи:

V1_P75_MACED

При планирањето на лекциите мора сите овие аспекти на поучувањето и учењето да се земат предвид и да се поврзат. Доколку еден дел се промени, тоа се одразува и на останатите делови.


2.2 Клучни прашања

  • За што моите ученици по планираната наставна наставна тема би требало да бидат во состојба? Што треба да разбрале и да можат на другите да им објаснат?
  • Кои критериуми при оценувањето на политичко-предметно прашање треба да можат да ги употребат?
  • На кој начин јас можам да го оценам развивањето на нивните компетенции?
  • Во колкава мера можат учениците при анализирањето на политичките процеси да се навратат на искуствата од секојдневието и училиштето?
  • Како моите ученици го восприемаат политичкото изнаоѓање на решенија?
  • Кои актуелни теми ги засегаат моите ученици?
  • Кои актуелни теми можат моите ученици да ги разберат?
  • Дали овие теми имаат врска со раководството на училиштето или со политиката на локално, регионално, национално или меѓународно рамниште?
  • Во колкава мера моите ученици се свесни дека и како една одредена тема ги засега нив и нивните интереси?
  • Како можам да ги придвижам моите ученици да земат учество и да се внесат во изборот на теми?
  • Кои медиуми и материјали да ги вметнам за да демонстрирам различни мислења на темата?
  • Што можат моите ученици самите да придонесат?
  • Кои задачи ги поставувам, а кои моите ученици самостојно треба и можат да ги решат?
  • Кои основни концепти тие можат да ги употребат кај овие теми?
  • Кое мислење го имам самиот јас на оваа тема? На кои критериуми им дадов предност во моето оценување?
  • Како јас можам да се погрижам за тоа да не манипулирам со моите ученици да го преземат мојот став?
  • На кој начин моите ученици би можеле да станат самостојни и да делуваат самоиницијативно?

2 - Работно досие 1: Како јас можам да ја обработам темата политика во мојата настава по образование за демократско граѓанство и човекови права?

Во образованието за демократско граѓанство и образованието за човекови права учениците би требало да научат да разбираат што е тоа политика. Сепак што всушност се подразбира под политика? Што е тоа што ја прави темата политичка? Следниов пример е соодветен како вовед.

Еден типичен пример

Еден мал град во еден рурален предел има училиште кое не го посетуваат само децата од градот, туку исто така и деца на 20 км од регионот. На овие деца на располагање им стои автобус. Градската управа ги поддржува фамилиите со ниски приходи, пред сѐ таквите кои имаат две или повеќе деца на задолжително школување. Овие семејства добиваат попуст за превоз од 25% до 75%.

Сега економската криза предизвика масовни загуби кај даночните приходи. Претставниците на градското собрание сега дискутираат како би можеле да се скратат трошоците за да може колку што е можно да се намали задолжувањето. Одредени влијателни политичари и коментатори предложија намалување или дури и кратење на бонусот за училишниот автобус. Тие аргументираат дека скратувањето на издатоците навистина е значително, сепак поделено на толку семејства, што поединечните семејства едвај би го почувствувале. Многу семејства сепак не го делат ова мислење и бараат задржување на семејните бонуси во нивната актуелна форма.

Типичниот пример е измислен, но во време на рецесија би можел да биде типичен за многубројни дебати за намалување на јавните давачки. Што во овој случај е политичко?

Моделот на тридимензионалниот поим на политиката

Поимот на политиката може различно да се сфати. Тој разликува

  • содржини (policy),
  • процеси на одлучување (politics) и
  • институции (polity).

Кај содржинската димензија на политиката (policy) се работи за тоа што поединечни актери се залагаат за нивните интереси или дискутираат како еден проблем или дилема може да се идентификува и реши. Понекогаш се формираат лоби групи кои се обидуваат нивните колективни интереси да ги применат со лобирање. Дебатите и контроверзиите се дел од политичкото функционирање на ова рамниште; тие се израз на разноликоста на интереси и мислења во плуралистичките општества и не мора да се стравува, сѐ додека различните мислења се решаваат со мирољубиви средства.

Кај процесуалната димензија на политиката (politics) се работи за изнаоѓање на решенија. Политичките проблеми често се итни бидејќи ги засегаат или интересите на општеството како целина или една голема група од населението. Бидејќи засегнатите бараат мерки, дебатите мора да доведат до решение кое на крајот ќе се спроведе во дело.

Институционалната димензија на политиката (polity) се занимава со референтните рамки, во кои се случува политиката. Кој кои овластувања ги добива? Како ќе се спроведат изборите? Како настануваат законите? Кои права и припаѓаат на опозицијата? Како поединечните и групите на интерес можат да влијаат на политичките процеси? Под овие димензии се носат уставот, правниот систем и законите кои го регулираат мирољубивиот однос кон политичките прашања во еден демократски процес на одлучување. Еден широко сфатен политички поим кон кого е интегрирана културна димензија која се занимава со вредностите и ставовите кои влијаат на политичкото однесување на граѓаните.

Клучни прашања кај трите перспективи на поимот политика

Трите наведени димензии дозволуваат набљудување на поимот политика од различни перспективи. Еден на таков вид структуриран начин на набљудување овозможува да се редуцира комплексноста на политичката тема. Секоја од овие три перспективи нафрла воедно интересни клучни прашања. Долу наведените прашања се однесуваат на нашиот горе наведен типичен пример и се разбира мора да бидат адаптирани на материјалот кој се посредува.

Димензија на политичките содржини (policy) Одговори
Од што се состои проблемот кој мора да биде решен? Опасност од зголемување на јавното задолжување во време на рецесија
Кои актери се инволвирани и кои цели или интереси ги следат?

Локалните политичари: сакаат да избегнат натамошно задолжување со скратување на јавните издатоци

Фамилиите со слаби приходи: бараат сиромашните фамилии и натаму да бидат поддржани

Кои човекови права се засегнати?

Рамноправност и недискриминација

Правото на образование

Правото на социјална сигурност

Кои предлози за решение се изнесени или ќе се дискутираат? Намалување или кратење на бонусот за училишниот автобус за семејствата.
Димензии на политичкото изнаоѓање на решение (politics)
Кој учествува во процесот на одлучување? Политичарите Претставници од медиумите Семејствата
Кои актери се согласни, кои не се? Се согласуваат со предлогот да се намали бонусот за семејствата Се против кратење
Кои можности ги имаат различните актери за да влијаат на дефинитивното решение? Директен приод до членовите на градското собрание Добиваат под околноси поддршка од населението или од медиумите
Кој има повеќе моќ, кој помалку? Тоа е нејасно. Типичниот пример не содржи индикации за тоа.
Кој има поголема или помала шанса да најде мнозинство? Политичарите би можеле релативно лесно да најдат мнозинство во парламентот; кај едно непопуларно решение сепак на следните избори би можеле да изгубат гласови, што би требало да ги мотивира претпазливо да се однесуваат
Институционалната димензија (рамковни услови; polity)
Кои основни принципи од Уставот или од правниот систем се релевантни или наоѓаат примена? Контролата и разграничувањето на компетенциите помеѓу егзекутивата, парламентот и јудикативата, конституционалноста, социјалната сигурност, слободата на печатот, слободата на изразување на личното мислење
Кои релевантни меѓународни и / или регионални норми на човековите права важат?

Универзалната декларација на човекови права (1948)

Европската конвенција на човековите права (1950)

ООН – Конвенцијата за правата на детето (1989)

Кои поитички институции учествуваат и кои ингеренции за одлучување ги имаат? Градското собрание како легислатива
Кои закони и правни принципи наоѓаат примена? Типичниот пример не содржи индикации, тоа е сепак стандардно прашање кое секогаш би требало да се постави.
Што постигнува оваа анализа во образованието за демократија и човекови права?

Структурирана и систематска анализа на една политичка тема го поддржува наставникот во неговата подготовка за лекциите во образованието по ОДГ/ОЧП и на учениците им го олеснува разбирањето на политиката.

Наставникот

  • може да одлучи дали ќе се концентрира само на една димензија при што со помош на типичен пример, како погорниот ќе посочи како функционираат политичките институции, како се носат политичките решенија, што е политичко прашање и како може да биде решено;
  • од овој типичен пример може да направи игра на одлучување при што учениците ќе играат различни улоги и ќе преговараат за решение;
  • ќе бара соодветен материјал за актуелни теми во медиумите.

Учениците

  • ја развиваат нивната способност да избираат и разбираат информации за политички прашања, процеси на одлучување и политички институции;
  • учат да поставуваат прашања кои ќе им помогнат во нивната анализа;
  • учат како да постапуваат со комплексна тема при што се концентрираат на еден поединечен аспект и темата ја набљудуваат од различни перспективи.

2 - Работно досие 2: Како можам да ги поддржам моите ученици во процесот на оценување на политичките прашања?

Една од главните цели на ОДГ/ОЧП се состои од тоа учениците да се оспособат за учество во јавниот и политичкиот живот. За да можат учениците да делуваат, тие се разбира мора да знаат што сакаат да постигнат бидејќи целите и стратегиите на политичкото учество бараат аналитичко мислење и расудување.

Како наставниците по ОДГ/ОЧП можат да ги поддржат нивните ученици во оценувањето на политичките прашања? Учениците постојано ги оценуваат прашањата и одлуките – можеби емоционално, можеби интуитивно. Сепак како тие можат да развијат рефлективен приод во политичкото формирање на мислење?

Кои критериуми се соодветни за политичко формирање на мислење?

Со истиот типичен пример кој веќе беше употребен во претходното работно досие и натаму ќе биде илустрирано како критериумите за политичко формирање на мислење можат да се спротивставуваат еден на друг и да се балансираат еден наспроти друг. Преку употребата на истиот типичен пример, двете работни досиеа воедно покажуваат како една политичка тема може да биде расветлена од различни аспекти. При политичкото формирање на мислење содржинската димензија се наоѓа во преден план (види го претходното работно досие), во актуелното досие таа е проширена и продлабочена со димензијата на оценување.

Еден типичен пример

Еден мал град во еден рурален предел има училиште кое не го посетуваат само децата од градот, туку исто така и деца на 20 км од регионот. На овие деца на располагање им стои автобус. Градската управа ги поддржува фамилиите со ниски приходи, пред сѐ таквите кои имаат две или повеќе деца на задолжително школување. Овие семејства добиваат попуст за превоз од 25% до 75%.

Сега економската криза предизвика масовни загуби кај даночните приходи. Претставниците на градското собрание сега дискутираат како би можеле да се скратат трошоците за да може колку што е можно да се намали задолжувањето. Одредени влијателни политичари и коментатори предложија намалување или дури и кратење на бонусот за училишниот автобус. Тие аргументираат дека скратувањето на издатоците навистина е значително, сепак поделено на толку семејства, што поединечните семејства едвај би го почувствувале. Многу семејства сепак не го делат ова мислење и бараат задржување на семејните бонуси во нивната актуелна форма.

Типичниот пример е измислен, но во времиња на рецесија би можел да биде типичен за многубројни дебати за намалување на јавните давачки. Како сега да се оцени фактичкото прашање?

Локалната управа мора да се обиде истовремено да постигне две цели кои всушност се контрадикторни:

  1. На семејствата со ниски приходи им е потребна поддршка; ова имплицира дека еден дел од буџетот мора да се резервира за семејни бонуси.
  2. Управата мора да го прифати проблемот со надолните даночни приходи за време на рецесија; се поставува прашањето во кој опсег издатоците, вклучувајќи ги и семејните бонуси мора да бидат намалени.

Овие цели се во контрадикторност бидејќи средствата со кои можат да се достигнат всушност взаемно се исклучуваат. Додека првата цел бара издатоци, втората обусловува штедење. Еден можен излез – финансирање преку туѓ капитал – би имало значително непожелни последици. Со тоа навистина се премостуваат краткорочни дефицити, сепак задолженоста и должноста за рефундирање претставуваат како што е познато енормно оптоварување за јавните финансии. Освен тоа задолжувањето на јавниот сектор може да ја засили инфлацијата.

Два основни критериума за оценување на политичките решенија

Во една демократија би требало не само политичките носители на решенија, туку исто така и граѓаните да можат да ги оценуваат опциите за изнаоѓање на решенија кои се ставени на располагање. Само така тие се во состојба од владата донесените решенија да ги поддржат или одбијат.

Ние можеме политичкото формирање на мислење да го набљудуваме како конструктивистички процес на мислење кој е сроден на внатрешен дијалог. Притоа се повикуваат различни внатрешни гласови или „говорници“ на различни вредности или принципи кои водат до различни решенија. Индивидуата е како судија кој ги сослушува сите „говорници“ чии аргументи ги споредува или ги подредува по приоритети, пред да ја донесе неговата пресуда, што потоа го порамнува патот до делувањето. За илустрација можеме да си замислиме фиктивен внатрешен дијалог во врска со нашиот погорен типичен пример „Субвенционирање на училишниот автобус да или не“.

Првиот говорник

„Нашето општество е обврзано на човековите права и многу од нив се кодифицирани во нашиот Устав.  Меѓу нив припаѓаат правото на образование и на адекватен животен стандард.31 Семејствата уживаат посебна заштита од државата. Семејствата му служат на општеството како целина, при што тие го гарантираат воспитувањето на младите генерации. Затоа ние мора да ја исполниме  нашата должност особено кон семејствата со ниски приходи. Од оваа причина јас барам бонусите за училишните автобуси да останат недопрени – токму во овие тешки времиња.“

Вториот говорник

„Доколку сакаме да преземеме одговорност за општеството мора со проблемите да ги идентификуваме и опасностите на општеството и да се грижиме да изнајдеме решение за тоа. Среднорочно гледано не можеме да трошиме повеќе отколку што примаме. Ако нашиот даночен приход се намалува, ние мора да ги намалиме и нашите трошоци. На граѓаните не им укажуваме добра услуга доколку бонусите ги финансираме преку кредити. Бидејќи сите семејства, а особено децата ќе бидат оние, кои кои ќе мораат да го враќаат нивниот дел плус каматата. Ефикасно решение на нашиот финансиски проблем меѓутоа би им служел на сите. Барам намалување на трошоците за да се избегне финансирање преку странски капитал и ги молам семејствата да си го платат придонесот.“

Би можеле и други говорници во овој внатрешен дијалог да земат збор и да заземат дополнителни основни ставови. Така би можел еден трет говорник да ги расветли пожелните и непожелните долгорочни последици на решението од аспект на одржливоста. Кои последици би можело едно одредено решение да ги има врз интересите и животните услови на генерациите кои доаѓаат, на економскиот пораст или врз социјалното групирање и на крајот врз социјалното скалило?

Две основни перспективи на политичкото формирање на мислење

Првите два говорника аргументираат различно сфаќање на одговорноста. Првиот ја дефинира одговорноста од нормативна перспектива и се повика на системот на вредности на човековите права.32 Сиромаштијата претставува тешка повреда на човековото достоинство, поради што државата не смее да им ја одземе поддршката на семејствата со ниски примања. Вториот говорник немаше разбирање за одговорноста ориентирана кон вредноста, туку кон целта. Ефикасното решение на еден проблем кој притиска е важно и не допушта табуа кои на овој приоритет му стојат на патот.

Третиот говорник ги зема повторно и двете во предвид, но со внимание на долгорочните последици од решението.

Кај првите две перспективи генерализирано е изразено дека населението сака да биде човечки третирано од страна на службите и претставниците на владата и бара право на одлучување во управувањето со земјата (првиот говорник), но воедно исто така сака добро и ефикасно да биде управуван (вториот говорник).

Доколку говорниците истовремено се навраќаат на различни референтни рамки како ориентирање на вредностите или ориентирање кон целта, дискусијата под околности ќе заврши во ќор сокак. И двете референтни рамки во нивниот вид се легитимни, сепак не можат да се договорат една со друга доколку не се одмерат и не се оценат една против друга многу диференцирано и ориентирано кон консензус.

Политичкото формирање на мислење во  образованието за демократско граѓанство и човекови права

Во училиштето учениците можат да го применат нивното право на слободно мислење и правото на изразување на мислењето.33 Училишните деца кои што го слушале нивниот внатрешен дијалог, можат исто така слободно да се одлучат. Наставникот не треба да се меша како друг глас во процесот на формирање на мислењето и да го даде неговото мислење како„точно“ решение. (Во една демократија никој не поседува апсолутна сувереност на пресудување за да дефинира што всушност е точното решение.) Наставникот би требало особено да избегнува да морализира или да ги тера учениците да делуваат на начин на кој ќе бидат манипулирани од негова страна. Во врска со тоа решението треба да биде донесено од учениците.

Учениците можат и треба сами да ги одредат критериумите кои водат до нивното решение. Сепак при размислувањето за нивната политичка одлука тие треба да бидат свесни за овие критериуми.

Со тоа е направен еден голем чекор нанапред наспроти одлуката водена чисто од чувства или интуитивната одлука. На еден уште повисок степен можат да бидат наброени причините за изборот на критериуми.

На ученикот притоа мора да му биде јасно дека во политичкиот живот одлуките се задолжително потребни и дека и неодлучувањето на крајот е една одлука. Затоа при нивната внатрешна дебата позициите на различните говорници не треба да се отфрлат и да не се донесе никакво решение. Доколку како во нашиот пример постојат противречни цели, учениците уште повеќе би требало да го направат следното:

  • да ги одредат приоритетите, значи да одлучат или да се зачува семејниот додаток или да се преземат ригорозни скратувања на давачките;
  • да се побара компромис: во овој случај тоа би можело да значи на пр. едно незначително скратување, како на семејниот додаток, така и на јавните давачки; при еден внимателен и таргетиран приод со сѐ пооскудниот буџет, како алтернатива би можело исто така да се дознае кои се најбедните семејства и тие да се поддржат. Привидните технички детали притоа одеднаш добиваат ново значење во однос на човековите права.

Различни методи можат да им бидат од поддршка на учениците при размислувањето за проценување на политичките прашања. Во нив припаѓаат:

  • дискусии и дебати во одделението како поводи за критичко мислење;
  • писмени работи со повратна информација на наставникот или соучениците;
  • учење ориентирано кон делување, проследено со давање инструкции и дискусија.

Темите избрани од наставникот би требало да го дозволат односот на спротивставени ставови и да не го надминуваат хоризонтот на учениците т.е. да не бидат премногу комплицирани. Дневнополитички, актуелни и разорни теми може да се омилени кај учениците, сепак понекогаш тие се исто така особено претенциозни, бидејќи тука и наставникот како и учениците мора да се упатат кон неоткриено подрачје.

31.Протокол на Европската конвенција за заштита на човековите права (20 март 1952), член 2.
32. Општа изјава за човековите права (10 декември 1948), член 25.
33. ОНО-Конвенција за детските права (20. ноември 1989), член 13, 14; Конвенција за човековите права (4 ноември 1950), член 9,10.