Вие ја читате Книгата I
Образование за демократија

1. Политика, демократија и демократско дизајнирање на училиштето

Образованието за демократско граѓанство и човекови права (ОДГ/ОЧП) треба да ги оспособи и охрабри младите граѓани за учество во општеството и во политичкиот процес на одлучување. Целта на демократското учество се заснива на делувачко-ориентираниот концепт на демократија и политика. Клучна улога кај ОДГ/ОЧП освен тоа игра и демократскиот стил на раководење на училиштата бидејќи таквиот стил им дозволува на учениците активно и преку пример да доживеат како тие би можеле да учествуваат во општеството. Во оваа прва наставна тема оттука треба, најпрво поблиску да се објаснат трите аспекти политика – демократија – демократско обликување на училиштето бидејќи тие се од основно значење за ОДГ/ОЧП.


1.1 Политика

1.1.1 Политика – борба за моќ и решавање на проблеми

Оној кој чита весници или гледа телевизија, ќе утврди дека еден значителен дел од политичките медиумски извештаи може често да се подреди на една од двете следни категории:

  • Политичарите ги напаѓаат нивните противници. Со тоа го доведуваат можеби во прашање интегритетот на нивните конкуренти или нивната способност да ја вршат нивната должност или да се справат со одредени проблеми. Ова согледување на политиката како „валкана работа“ води до тоа многу граѓани и граѓанки да се одвратат од неа.
  • Политичарите дискутираат можни решенија за проблемите кои ја засегаат сопствената земја или други земји.

На овие две категории политички дејствија соодветствува и класичната дефиниција за политиката на Макс Вебер4:

  • Политиката е стремеж и борба за власт. Без власт политичките актери не можат ништо да постигнат. Во демократските системи политичките актери конкурираат за наклоност и поддршка од јавноста, за да си обезбедат мнозинство. Во политиката спаѓа значи исто така да се напаѓа противникот како на пр. во предизборна кампања за да се добијат преку тоа избирачи или нови членови во партијата.
  • „Политиката значи силно и бавно бушење на тврди штици со страст и воедно со умереност“5 Оваа метафора на Макс Вебер важи за обидот да се решат политичките проблеми. Со соодветни проблеми мора суштински да се справуваат општеството и политиката. Често притоа се работи за комплексни теми и прашања кои не поднесуваат одлагање и го засегаат целото општество. Политиката е нешто многу ориентирано кон практиката и задачата и политичките дискусии мора да водат до решенија.

Политиката под демократски рамковни услови е зависна од актерите кои се подготвени да преземат различни улоги и тогаш кога тие од време на време изгледаат некомпатибилни меѓу себе: Борбата за власт бара луѓе со харизма и реторички способности – луѓе кои се способни тешките работи да ги објаснат со едноставни зборови и да ги мобилизираат нивните следбеници и гласачи. Воедно тешката задача бара изнаоѓање на практични решенија за тековните секојдневни проблеми и за нашата иднина, лица кои располагаат со експертски знаења, компетенции, свест за одговорност и интегритет и кои ги ставаат во позадина нивните сопствени интереси.

1.1.2 Политиката во демократиите – една претенциозна задача

Примери за двете опишани екстремни позиции на политичкиот спектар на побарување се „популистот“ и  „професорот“. Популистот ја претвора политичката арена во шоу бина, професорот во предавална. Првиот можеби ги добива изборите, но ќе преземе малку за поддршката на општеството. Вториот можеби навистина има добри идеи, но тие се разбрани од малкумина.

Пред дилемата за двете улоги не се наоѓаат само политичарите и донесувачите на одлуки туку исто така и граѓаните кои сакаат политички да се активираат. Бидејќи времето за говор во јавни рамки по правило е ограничено, ефективни ќе бидат само оние говорници кои имаат јасна и лесно разбирлива порака – со што кај комплексните ситуации секако лесно се поврзува опасноста од недопуштени скратувања и популистички поедноставувања. Оној кој што е активен во учителската професија ќе утврди дека постои зачудувачка паралела помеѓу комуникацијата во јавноста и комуникацијата во училиштето – ограничените временски ресурси и потребата јасно и едноставно да се изразуваш, но истовремено да се справуваш и со комплексни ситуации.

Практикувањето на човековите права – како слободата на мислење и говорење и учеството на изборите – е претенциозна задача која ги обврзува сите граѓани (а не само политичките донесувачи на решенија). Во ОДГ/ОЧП младите луѓе се обучуваат на различни димензии на компетенции: но тие исто така учат дека мора да учествуваат на јавните дебати и во изнаоѓањето на решенија. Како членови на една училишна заедница,учениците учат како да се учествува во општеството кое владее според начелата на демократијата и човековите права.

1.1.3 Политичкиот циклус: Политиката како процес за решавање на проблеми6

V1_P14_MACED

Моделот на политичкиот циклус кој служи за опишување и за разбирање на политичките процеси на решавање; се концентрира на еден аспект од дефиницијата на Макс Веберс за политиката како „силно и бавно бушење на тврди штици со страст и воедно умереност“.

Политиката во овој модел се подразбира како процес на определување и сведување на политичките проблеми на некомплексни, често контроверзни контексти или ситуации („Agenda Settings“). Притоа бара, како дефинирање на проблемот (кој одредува, за што треба да се работи) така и исклучување моќ, на другите интереси од политичкиот дневен ред („агенда“). Моделот нуди идеaлно-типско опишување на следните фази на изнаоѓање на политички решенија. Решенијата се дискутираат, донесуваат и потоа се имплементираат, т.е. се реализираат. Дали предложените решенија ќе ја исполнат нивната цел и ќе наидат на прифаќање, зависи од јавното мислење и од оние лица и групи на луѓе, чии интереси се засегнати. Доколку се надгласани малцинства или групи кои се преслаби за да ги спроведат нивните интереси, веројатно тие ќе го пројават нивниот протест и нивната критика. Ако обидот за решение се покаже како успешен, се затвора политичкиот циклус  (временското планирање); ако тој пропадне, циклусот започнува одново. Во извесни случаи решението на еден проблем создава нови проблеми, кои мора повторно да бидат разгледани во нов политички циклус. Моделот на политичкиот циклус расветлува важни аспекти на политичкото изнаоѓање на решенија во демократските системи, но и во демократското дизјнирање на училиштата.

Моделот на политичкиот циклус ги прави видливи важните аспекти и димензии на процесот на решавање во демократските општества (како и во демократски управуваните училишта):

  • За тоа што е и што претставува општото добро нема единствена дефиниција; тоа е важен хевристички т.е. епистемиолошки наод. Кај многу проблемски ситуации и положби никој не е во состојба однапред  да втемели и конечно да каже од што се состои долготрајното задоволство и користа за општото. Во процесот вклучените партии, групи или поединечни лица мора да изнајдат компромис и да се договорат. Притоа меѓу другото од значење се следните точки:
  • Политичкото изнаоѓање на решенија е колективен процес на учење при кој никој од актерите (политичари или партии, и оние со доктрина за спасение) не е сезнаен. Ова условува конструктивистичко разбирање за општото добро: Општо добро е она што мнозинството во даден временски момент разбира под тоа.
  • Притоа често се доаѓа до компетитивно, ривалско тематизирање на проблемот: во плуралистичките општества политичките аргументи се често врзани за одредени интереси.
  • Така во општествената реалност, принципот на демократската партиципација најчесто недоволно се почитува, бидејќи извесни луѓе системски условено имаат помал пристап до моќта и до политичкото изнаоѓање решенија, во вистински демократски контекст мора да се внимава на тоа послабите да добијат повеќе моќ.
  • Влијанието на медиумите и донесувањето на извешати на јавното мислење е значително. Ова може да стане цел за граѓаните и лоби групите да реагираат и интервенираат. Воедно голема е опасноста дека граѓаните ќе бидат манипулирани преку финансиски силни и политичко поврзани медиумски групи.

Политичкиот циклус е модел, конструкт, кој функционира слично како географска карта. Моделите како и географските карти даваат добар преглед и го олеснуваат разбирањето; тоа е причината што тие често се користат како во дидактиката, така и во науката. Меѓутоа никому нема да му падне на памет самиот да држи карта за пределот кој таа го отсликува. Географската карта ни покажува многу, но само затоа бидејќи таа многу работи и испушта. Истото важи и  за моделот како што е политичкиот циклус, кој се разбира исто така нема да успее без поедноставување на комплексната реалност. Притоа се смета дека кај овој модел одлучува процесот на политичкото изнаоѓање решение –„силното и бавно бушење на тврди штици” – се наоѓа во преден план, додека втората димензија од дефиницијата за политиката на Макс Вебер, стремежот и борбата за власт и влијание во моделот е послаб во тежина и послабо фокусиран.

Во реалните демократски системи и двете димензии на политиката како процес се навистина тесно поврзани една со друга:  политичките донесувачи на решенија се борат со тешки прашања, но и со нивните политички противници. Во моделот на политичиот циклус фазата на тематизирање на проблемот наговестува како и двете димензии се важни. За еден политички проблем да биде ставен на дневен ред, потребна е моќ и влијание.

Следниот пример го предочува ова: Во една предизборна кампања една лоби група тврди дека даноците се многу високи и инвеститорите ќе бидат одвратени, додека другите аргументираат даноците се премногу ниски, бидејќи образованието и социјалното осигурување се недоволно финансирани. Зад овие две дефиниции на проблемот на оданочување стојат интереси и политички ставови и логично укажуваат на решенија во спротивставени правци: намалување на даноци за оние кои заработуваат подобро – или покачување на даноците. Првиот концепт на решение е неолиберален, вториот социјал-демократски.

Граѓаните би требало и двата концепта критички да ги рефлектираат и да можат да ги препознат со нив поврзаните идеологии и интереси. Моделот на политичкиот циклус им помага да ги идентификуваат и да ги оценат концептите на решенија на политичките носители на одлуки.

4. Weber, Max (1997; оригинал 1919): Политиката како професија . Штутгарт: Реклам
5. Weber, а.а.О., стр. 82.
6. Paul Ackermann u. a. (издадена 1994): Politikdidaktik kurz gefasst (Политичка дидактика накратко). Прашања за планирање на политичката настава. Schwalbach: Wochenschau Verlag.


1.2 Демократија

1.2.1 Основи

Во познатиот цитат на Абрахам Линколн од 1863 демократијата е „власт на народот, преку народот и за народот“. Оваа „многудимензионална дефиниција“ се интерпретира како што следи:

  • „на народот“ народот е суверенитетот кој ја практикува власта или го доделува мандатот за практикување на власта, а оној кој секогаш учествува во практикувањето на власта се повикува од народот на одговорност.
  • „преку народот“: власта се практикува или од избраните застапници на народот или преку директно учество на граѓаните;
  • „за народот“: практикувањето на власта служи на интересите на народот т.е. на општото добро.

Овие дефиниции можат да бидат разбрани и подредени на различен начин. За политичките мислители по традицијата на Русо целата државна власт излегува од народот („идентитетот помеѓу оние кои владеат и оне кои се владеани“). Народот решава сѐ, а не е врзан за ниту еден закон. Оној кој пак е повеќе обврзан на традицијата на Џон Лок, нагласува дека во едно плуралистичко општество различните интереси често се во противречност. Во уставни рамки учесниците мора да одлучат и да се договорат за тоа што е најдобро за општото добро.

Се разбира, демократијата не може, да биде земена „здраво за готово“, независно од тоа колку е стара демократската традиција на една земја и како настанала. Во секоја земја мора постојано да продолжат да се развиваат демократијата и основното разбирање на човековите права, за да бидат праведни предизвиците на секоја нова генерација. И на секоја генерација и е потребно ново образование за демократско граѓанство и човекови права, кое ќе одговара на генерацијата и на актуелната политичка и интелектуално-историска ситуација.

1.2.2 Демократијата како политички систем

Во камен-темелниците на модерните правно-државни демократии припаѓаат:

  • Уставот во писмена форма, со кој се одредуваат институционалните рамки на демократијата и кој во некои земји е заштитен од независен Врховен суд.
  • Еднаквоста на сите граѓани: сите граѓани врз основа на принципот за недискриминација ја уживаат истата правна заштита и ги имаат исто така и истите правно дефинирани должности.
  • Општото избирачко право: возрасните граѓани го имаат правото да гласаат на парламентарните избори за партии и/или за кандидати. Одредени системи предвидуваат за тоа референдуми или анкетирање на народот, значи право на граѓаните да носат одлуки за одредени прашања преку директно гласање.
  • Правата (делумно човекови права), кои им дозволуваат на граѓаните пристап до различни можности за учество. Во нив припаѓаат слободата на печатот и заштитата на медиумите од цензура и државна контрола, слободата на мислата, слободата на говорот и слободата на собирање како и правото на малцинствата и на политичката опозиција слободно да дејствува.
  • Човековите права, иако вообичаено не сите, се втемелени во Уставот, а потоа се третирани како уставно заштитени граѓански права. Владите, кои ја потпишале Kонвенцијата за човекови права се задолжени да ги гарантарираат оние права кои ги ратификувале и тоа независно од тоа дали тие права се втемелени во Уставот или не.
  • Плурализмот и конкуренцијата на интереси и политички цели: поединечни граѓани и групации можат да осниваат или да пристапуваат во партии или лоби групи, невладини организации итн. за да ги следат нивните интереси или политички цели. Следењето на интереси низ различни групи и нееднаквата поделба на власта можат да бидат во конкуренција со шансите да се спроведат тие интереси.
  • Парламентот: тело на избраните претставници на народот, има легислативни овластувања т.е. може да носи закони кои по правило се обврзувачки. Авторитетот на парламентот се заснива на волјата на мнозинството од гласачите. Доколку во парламентарниот систем по изборите дојде до промена во однос на мнозинството, се формира нова влада. Во претседателскиот систем, шефот на државата – претседателот се избира посебно во директен избор.
  • Мнозинскиот систем: мнозинството одлучува, а малцинството мора да ја прифати одлуката. Границите на мнозинскиот систем се дефинирани во Уставот, за да се заштитат правата и интересите на малцинствата. Кворумот на согласност може во зависност од темата да варира и на пример за промени во Уставот да изнесува две третини.
  • „Проверувањето и балансирањето“ (взаемна контрола и разграничување на компетенциите на владата, парламентот и судската власт): Демократиите комбинираат два принципа: практикувањето на власта се наоѓа во државата, што строго земено е исто со „обезвластување на граѓаните“. За сепак да се спречи моќта на државата да се претвори во автократски или диктаторски режим, сите демократски системи предвидуваат други„проверки и балансирања“ (спореди со следната точка).
  • Класичниот модел ја дели државната власт на законодавна, извршна и судска (хоризонтално ниво); многу системи вградуваат останати мерки на безбедност: дводомен систем за законодавната власт и/или – во случајот на Швајцарија – автономија на сојузот и кантоните, што води дополнително до вертикална димензија на наизменична контрола и разграничување на компетенциите (нешто слично како во САД и во Германија).
  • Временски ограничени овластувања: едно друго средство за ограничување на власта се состои од тоа да се доделуваат овластувања на власта само за ограничен период. За тоа се грижат новите избори кои перодично се случуваат. Во одредени земји е ограничено и времето на служба, како во САД, каде претседателот смее да остане најмногу два пати по четири години на служба. Уште во Стариот Рим во оваа смисла се избирале годишно двајца конзули, кои по една година морале да се повлечат од служба.

1.2.3 Погрешно разбирање на човековите права и демократијата

Демократијата се заснива на нормите на основните принципи на човековите права. Човековите права понекогаш се разбрани неправедно како систем, како последица поединецот да  ужива тотална слобода. Тоа не соодветствува ниту на суштината, ниту на целите на Конвенцијата за човековите права.

Навистина човековите права му ги признаваат на човекот инхерентните индивидуални права и слободи, но овие права во никој случај не се апсолутни. Исто така мора и правата и слободите на другите луѓе да бидат респектирани, поради што може да дојде до конфликти помеѓу различните права. Со демократските процеси можат да се создадат структури, кои ќе ја гарантираат слободата на луѓето, но и во потребна мерка ќе ја ограничат. Примери:

  • Во ОДГ/ОЧП се одвива една дискусија. За сите учесници да добијат можност да го изразат нивното мислење, времето на говорење е ограничено на однапред договорена мерка. Од истата причина во парламентарните дебати или во ток шоуа времето на говорење е лимитирано.
  • Многу сообраќајни правила ја ограничуваат нашата слобода на движење: ограничувањето на брзината во населено место, задолжителното застанување на црвено светло итн. Овие сообраќајни правила служат сосема едногласно за заштита на телото и животот на сите учесници во сообраќајот дури и тогаш кога некои од нив ја ограничуваат нивната слобода.

Демократијата им гарантира, како на населението така и на поединечните лица повеќе слобода отколку сите други  форми на владеење – под претпоставка дека таа е ставена во институционална рамка и се реализира согласно нејзините стандарди. Една демократија која добро функционира, мора да може да се потпре на силни државни органи, кои го гарантираат поредокот (политичкиот систем) и остваруваат прифатлива мерка на распределена правда. Во една слаба држава или при слабо одреден поредок (политички систем), владата не е во состојба да делува и да функционира во рамките на законски и правно предвидените рамки.

1.2.4  Силни и слаби страни

Поедноставно кажано, силните страни и слабостите, предностите и недостатоците на државната форма демократија (во нејзините различни форми) е составена на следниот начин:

А Силните страни на демократиите

  • Една демократија нуди рамковни услови и средства за цивилизирани, ненасилни решенија на конфликти, динамиката на конфликтот и плурализмот придонесуваат за решавање на проблемите.
  • Демократиите се „силни пацифисти“ како во сопствената земја, така и во меѓународната политика.
  • Демократијата е единствениот систем во кој што е можно политичко раководење без промена на системот на владеење.
  • Демократиите се системи кои се способни да учат, т.е. заедници за учење, кои ги допуштаат човековите грешки. За тоа, што се подразбира под „општо добро” се преговара, а не е одредено од еден автократски режим.
  • Човековите права ги зајакнуваат демократиите со тоа што влијаат на нормативните односни врски за политички процес, кој се заснива на човековото достоинство. Преку ратификувањето на меѓународната конвенција за човекови права може една влада „да гарантира“да ги заштити личните слободи и останатите права кои се однесуваат на граѓаните на државата, за кои таа е надлежна.
Б Проблеми и слабости
  • Партиите и политичарите се наклонети да жртвуваат долгорочни цели за успех на изборите. Демократиите создаваат поттик за кратковидно политичко обликување на пр. на трошок на околината или идните генерации (политика на брзите успеси и на „протнување“).
  • Владите можат да дејствуваат само во рамките на една Национална држава. Опаѓачката меѓународна вплетеност во економските развивања или во врска со животната средина ја ограничува во исто време областа на влијание и одржливоста на демократските решенија, кои се донесени во поединечни Национални држави.

1.2.5 Заклучок

Демократиите се зависни од граѓаните кои се грижат за тоа силните страни на демократските системи да имаат ефект, а слабостите да се држат во границите. Демократиите се воедно претенциозни  системи кои од граѓаните бараат активно учество и поддршка како и став на информирана и критичка лојалност. „Демократијата“ според една позната изрека од Винстон Черчил (1947) „е најлошата од сите државни форми, освен од  сите останати форми кои од време на време беа испробувани“. ОДГ/ОЧП дава како во етаблираните, така и во младите демократски земји еден одлучувачки придонес за политичката култура, кој и е потребен на една демократија за просперитет и преживување.


1.3 Демократско дизајнирање на училиштето

1.3.1 Училиштето – една микро-демократија?

Образованието за демократско граѓанство и човекови права (ОДГ/ОЧП) се заснива на централниот принцип на поучувањето за, низ и преку демократијата и човековите права во училиштата (види вовед, поглавје 2). Училиштето се сфаќа7 како микро-заедница, како „општество во мал формат“, кое е идентификувано од формалните уредби и постапки, процеси на одлучување и мрежа на односи и влијае на квалитетот на секојдневието. Сепак може ли училиштето навистина да се разбере како демократија in nuce „во минијатура“? Еден поглед во листата горе во поглавје 1.2.2 покажува дека училиштата не се мали држави каде се одржуваат избори, каде наставниците би можеле како владите да пропишуваат закони, каде училишното раководство би можело да се спореди со шефот на државата итн. Значи што би можеле училиштата да направат, во која смисла би можеле да бидат пример за демократско општество?

1.3.2 Демократско дизајнирање на училиштето: четири клучни области и три критериуми за мерење на напредокот

Елизабет Бекман и Бернард Трафорд, раководителка на училиште во Шведска т.е. раководител на училиште во Голема Британија и автори  на прирачникот „Демократското дизајнирање на училиштата во теоријата и практиката“8 издаден од Советот на Европа истражуваа  задлабочени по ова прашање. Тие аргументираат дека на училиштата не им е потребен ниту „учлиштен менаџмент“ ниту „дизајнирање на училиштата“. Под училиштен менаџмент се подразбира училишната управа – имплементација на законски, финансиски и содржински барања. Односот помеѓу училишното раководство и учениците е хиерархиски и се заснива на наредби и заповеди. При дизајнирањето на училиштето, напротив, се зема предвид динамиката на социјалната промена на модерните општества. Училиштата мора да соработуваат со различни надворешни партнери и лоби групи и да одговорат на неочекувани проблеми и предизвици. Притоа на членовите на училишната заедница, пред сѐ на учениците им припаѓа важна улога. Членовите комуницираат, заеднички дејствуваат, преговараат, убедуваат, практикуваат притисок и носат заеднички решенија. Никој од партнерите нема потполна контрола над другиот.9

Бекман и Трафорд предлагаат четири клучни области на демократското дизајнирање на училиштата:

  • Дизајнирање на училиштата, стил на раководење и отчет кон јавноста;
  • Образование базирано на вредности;
  • Соработка, комуникација и вклучување: способност за натпревар и самоодредување;
  • Дисциплина на учениците.

За оценување на постигнатиот напредок во овие клучни области Бекман и Трафорд употребуваат три критериуми, кои се засниваат на трите основи на Советот на Европа во ОДГ/ОЧП:

  • права и должности;
  • активно учество;
  • вреднување на разновидноста.

1.3.3 Поучување за демократијата и човековите права преку демократско дизајнирање на училиштата

Во нивното дело Бекман и Трафорд ставаат на располагање редица детални алатки кои се ориентирани кон тоа да се поучува и да се живее демократијата и човековите права и да се обезбеди демократско училишно опкружување. (линк види Anm. 8) Учениците преку тоа доживуваат во училиштето што е тоа учество, сепак училиштето е и останува образовна институција и нема да стане псевдо-мини држава иако е мини-општество.

7. Види Dewey, J. (2007): The School and Society.New York, Cosimo, стр. 32.
8. Bäckman, E. und Trafford B. (2008): Demokratische Gestaltung in Theorie und Praxis. Стразбур: Совет на Европа. Линк: http://www.edchreturkey-eu.coe.int/Source/Resources/Pack/BookDemgovernchoolspublic_de.pdf
9. Ibid., стр.9