Вие ја читате Книгата I
Образование за демократија

2. Политичка култура


2.1 Демократијата живее од учеството на граѓаните

Пример за вовед:

Парламентарните избори создаваат победници и губитници. Мнозинството формира нова влада, малцинството опозиција. Поранешната влада се повлекува и се заменува со нова влада, со други политички перспективи.

Правилата се јасни, сепак тоа не е доволно. Изборниот систем функционира само тогаш кога ќе можеме да сметаме на тоа дека губитниците ќе го прифатат нивниот пораз. Доколку тоа не е така, изборите можат да предизвикаат насилен конфликт  и да го поделат населението, наместо да го поттикнуваат општественото заедништво.

Во предизборната кампања партиите добиваат можност да комуницираат со јавноста за нивните замисли. И што ќе се случи доколку извесни партии пропагираат расистичка, фундаменталистичка или демократска предизборна програма?

За изборите да функционираат како едно од најважните средства за учество на граѓаните во демократските одлуки, потребно му е на едно општество очигледно повеќе од една правна рамка која ќе го регулира изборниот систем. Тоа што му е потребно е доверба во политичките процеси и во постапката и механизмите за гаранција дека овие процеси и коректно ќе се спроведат.

Примерот покажува дека демократијата исто така многу зависи и од правната рамка, како и од ставот на граѓаните кон системот и принципот „демократија“. Граѓаните мора да го разбираат и ценат системот и да се чувствуваат одговорни за неговата стабилност. Партиите од друга страна би требало да се третираат едни со други како конкуренти, а не како непријатели. Само тогаш силните страни на демократијата навистина ќе имаат ефект.

Демократијата се состои од мешавина на институции и процеси во кои припаѓаат општи избори, парламентарно застапување и взаемна контрола и разграничување на компетенциите преку „контрола и рамнотежа“. Извесни Устави предвидуваат директно учество преку референдум или Уставен суд. Тоа е политичката бина на која Граѓаните се актери. За да ја исполнат соодветно нивната улога, мора да се способни доброволно и со волја да го преземат нивниот дел; освен тоа мора да го познаваат политичкиот систем на демократија и да се идентификуваат со него.

Демократијата е систем кој што е вкоренет во актуелната политичка култура на едно општество и ера. Институционалниот систем може навистина да ги одреди рамковните услови за оваа култура, но не може да ги создаде или да го гарантира нивниот опстанок. (Истиот принцип одговара на автократските форми на владеење: Исто и автократот е упатен на соодветна политичка култура која секако се заснива на прилагодливи поданици, наместо на учеството преку активни и ангажирани граѓани.)


2.2 Културната димензија на човековите права

Човековите права кои според нивната природа се граѓански и политички права опишуваат кои демократски процеси и права треба да бидат имплементирани во пракса: Слободата на мислењето и слободното изразување на мислата, слободата на медиумите (т.е. забрана на цензура), избирачкото право како и принципот на еднаков третман и недискриминација, кој што важи за уживањето на секое човеково право. Кога некоја земја ја ратификува Декларацијата за човековите права, таа со тоа се обврзува на хармонизација на националното законодавство и правната практика со оваа декларација, за да постигне сообразност со засегнатите меѓународни норми. Тоа се случува по сопствена волја.

Но што ќе се случи ако една земја не ги почитува човековите права? Има различни заштитни механизми кои се создаени од ООН, но и од регионалните институции за човекови права кои ги пропишале човековите права кои можат да бидат ратификувани од државите. Еден пример за тоа е Европската конвенција за човекови права, која се концентрира на граѓанските и политичките права. Државите можат да ја потпишат и Европската социјална повелба која ги набројува економските, социјалните и културните права. Доколку една држава која ја ратификувала конвенцијата, повреди едно од истите права, граѓаните на земјите членки на Советот на Европа (и секако и жителите на засегнатата земја) можат да се повикаат на Европскиот суд за човекови права како последна инстанца.

Почитувањето на човековите права во државно-правните демократии најмногу е загарантирано преку вообичаените механизми на демократските процеси. Кон овие механизми припаѓаат натамошниот развој на законите, но исто така и културата на учество и ангажирање и ангажманот на граѓаните.

Демократијата и човековите права зависат од една институционална референтна рамка која се состои од две компоненти: правилник од закони и начела кои се вкотвени во уставот и во правниот поредок и политичката култура. Демократијата и човековите права се ставени во една низа на начела, вредности и одговорности. Демократијата и човековите права дозволуваат несогласување, што сепак е возможно само при силен принципиелен консенсус на рамка која ги дозволува и штити слободите, но истовремено и ги ограничува. Накратко: може да се противречи на речиси сѐ, но тоа функционира само доколку сите се идентификуваат со систем кој ја дозволува противречноста.


2.3 Демократијата и човековите права како нормативни начела на поучувањето и учењето: Деморатската култура во училиштето

Без граѓаните кои ангажирано се залагаат за неа, демократијата не постои.

Секоја нова генерација го презема демократското наследство од претходната генерација. Притоа треба да се надеваме дека таа го разбира и го цени ова наследство, знае да постапува со него и од нејзина страна ќе се проследи натаму. Задачата на ОДГ/ОЧП и на образовниот систем воопшто е да се погрижи за тоа младите генерации да пораснат во активни и ангажирани демократи.

Културните традиции кои се демократско-пријателски само бавно се развиваат, како што историски се покажало во многу земји. Најголемата пречка која стои на патот на државната структура во општествата после граѓанската војна е отсуството на демократско-политичка култура. Концептот на демократска институција може навистина да се „увезе“ , но не и културните корени на демократијата, бидејќи тие мора да бидат создадени и израснати на културното наследство.

Набљудувана од конструктивистичка перспектива, политичката култура се стекнува преку процеси на учење и социјализација. Следствено на тоа голема улога игра дали училиштата се раководени демократски или автократски, бидејќи учениците учат и искусуваат таму каде што се живее со или под соодветната„форма на владеење“.

Како „општества во мал формат“ училиштата можат да ги поддржуваат учениците да ги стекнат клучните елементи на демократската култура и културата на човековите права. Кон нив припаѓаат меѓудругото и следните парцијални компетенции:

  • Учениците ги познаваат нивните интереси и убедувања и имаат доволно самодоверба и чувство за самодостоинство за да ги изразат истите.
  • Учениците се среќаваат едни со други со обострано внимание во кое припаѓаат и внимателното слушање и емпатијата, т.е. подготвеноста и способноста да се заземе друга перспектива.
  • Учениците се способни да ги решаваат конфликтите со мирољубиви средства т.е преку преговори и компромиси.
  • Учениците знаат да ја ценат функцијата на институционалните референтни рамки кои ги штитат нивните лични права и слободи, но делумно исто така и ги ограничуваат. Овие „меки“ неформални компоненти на политичката култура ги дополнуваат„тврдите“ формални аспекти на правилата.
  • Учениците ја ценат политиката како практичен концепт за решавање на проблеми на кои мора да им се посветат и кои мора да бидат решени.
  • Учениците учествуваат во изборот на претставници, како и во формалните процеси на одлучување.
  • Учениците можат да имаат влијание врз изнаоѓањето на решенија преку мерки за сензибилизирање, посебни активности и акции, лобирање и со тоа што сами ќе ги решаваат проблемите.
  • Учениците преземаат одговорност за нивните сопствени решенија и притоа ги одмеруваат влијанијата како врз самите себе така и врз другите.
  • Учениците се свесни дека доколку тие не дискутираат за решенијата кои ги засегаат, тоа ќе го сторат другите и резулатот за нив може да испадне неповолен.

Политичката култура е тесно поврзана со ставовите и идеалите кои младите граѓани ги стекнуваат при нивната социјализација, а исто така и во училиштето. Но исто така има и други сили кои силно влијаат врз процесот на социјализација. Кон нив особено се вбројуваат семејството, врсниците (пир-група) и медиумите. Како баланс и дополнување на тоа училиштата им ја нудат на децата и младите првата прилика да ја искусат интеракцијата со општеството и јавноста. Се поаѓа од тоа дека училиштето има одлучувачко влијание врз тоа, како демократското наследство ќе му биде предадено на младите генерации. Преку искуствата кои младите луѓе ги стекнуваат во училишното опкружување, тие можат да развијат навики и способности за доживотно залагање со демократските процеси и вредности на човековите права и тоа како во формалните процеси на одлучување, така и во секојдневното заедништво.